е-пошта:

Телефон: 02 2770 719

О.O.У. Партенија Зографски

ПАРТЕНИЈА ЗОГРАФСКИ

Партенија Зографски претставува централна фигура на Македонската преродба, еден од најучените луѓе од тоа време, полиглот, учебникар, преведувач, филолог, фолклорист. Тој бил првиот македонски учебникар, филолог, фолклорист, културен деец, прв македонски митрополит и еден од најистакнатите црковни работници од 19 век.

Роден е 1818 година во Галичник. Крстено име му е Павле Тризловски и е првороден син на Васил и Доста. Првото образование го стекнува во ќелијното училиште во дебарскиот манастир- Св.Јован Бигорски и со тоа неговиот животен пат станал нераскинливо поврзан со љубовта кон Бога и кон сопствениот македонски народ. Во 1836 година, во Охрид учел кај Димитар Миладинов. Се школувал во Призрен, Солун и во Цариград.

Во Русија завршил семинарија и духовна академија. Во 1842 година се замонашил во Зографскиот манастир на Света Гора со монашкото име Партенија. Исто така бил Кукушко – полјански епископ ( 1859 – 1867), Нишавско – пиротски митрополит(1867- 1876), професор, библиотекар, автор, преведувач. Како добар познавач на рускиот, латинскиот, хебрејскиот, грчкиот и францускиот јазик, се посветил на преведувачка и филолошко-учебникарска дејност. Зографски го превел „Пространото св. Климентово евангелие, од арх. Теофилакт Охридски. Објавил два учебника на македонско наречје, студии за македонски јазик и фолклорни записи. Пишувал и за историјата на Охридската архиепископија.

Партенија Зографски уште на самиот почеток како владика на кукушко-полјанската епископија, се заложил за воведување на црковнославјански јазик во богослужбата во црквите на македонските верници, со што го намалил влијанието на грчката црква. Постојано обиколувал селата во епархијата, каде отворал народни училишта и го ширел славјанското влијание.

Пред неговото доаѓање, во училиштата се предавало само на грчки јазик. За потребите на народните училишта тој се впушта во пишување во граматика на славјанските народи на Балканот под Турција. Во неа тој ги систематизира разликите меѓу бугарскиот и македонскиот јазик на научна основа. Автор е на повеќе дела со кои се удрени темелите на македонскиот јазик.

Ноќта меѓу 19 и 29 феруари 1876 година се упокои во Цариград, каде што и денес се наоѓа неговиот гроб во дворот на православната црква Св.Стефан.